Економските политики даваат резултат и создаваат реални можности за работа

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денес изјави дека економијата во Македонија бележи стабилен раст и дека пазарот на труд се движи во позитивна насока.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во изминатите шест квартали се креирани околу 18.000 нови работни места. Бројот на вработени порасна од околу 691 илјади на над 709 илјади граѓани кои денес се во работен однос“, рече Стојаноски.

Инвестиции и индустрија како двигатели на растот

Тој посочи дека позитивните трендови се резултат на инвестициите во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските зони, како и на владините политики за меки кредити и планот за економски раст.

„Во моментов имаме 17 договорени инвестиции во ТИРЗ зоните, кои во наредниот период треба да донесат околу 5.000 нови работни места. Тоа значи дека трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во следниот период“, истакна пратеникот.

Невработеноста паѓа, економијата се стабилизира

Стојаноски нагласи и дека стапката на невработеност бележи значително намалување, односно сега изнесува 11,4 проценти.

„Со други зборови, имаме повеќе луѓе кои работат, повеќе инвестиции во економијата и постепено намалување на невработеноста. Нашата цел останува јасна – да продолжиме со политики кои носат инвестиции, отвораат нови работни места и создаваат стабилна економија во која граѓаните ќе имаат сигурност и перспектива“, додаде тој.

Стојаноски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со поддршка на стопанството и мерки кои ќе придонесат за уште поголема вработеност и економски раст.