Денеска се бараше вонредна седница на која ни градоначалничката не е присутна, со самото тоа е јасно колку овие точки го задоволуваат критериумот за вонредна седница. Направен е опасен преседан, се свикува вонредна седница за точки кои вообичаено одат на редовни седници, а ниедна од овие точки не го задоволуваат критериумот согласно Деловникот и Статутот на Град Скопје за вонредни седници, изјави советникот од коалицијата „За обнова на Македонија“ Малиша Станковиќ на денешната вонредна седница на Советот на Скопје.
Станковиќ истакна дека тоа што заслужува да се најде на вонредна седница е суспендирањето на одлуките на Советот на Град Скопје.
– Имаме јавно претпријатие кое и покрај волјата на советниците да не го изгласа годишниот план за вработување, гледаме дека изминатите три дена ЈП Паркови и зеленило распиша оглас за вработување преку 100 извршители на разни позиции, потенцираше тој.
Станковиќ нагласи дека тоа е она истото ЈП кое во петокот побара свикување на вонредна седница за парична помош заради потешкотии во работењето.
– Претпријатие кое има потешкотии во работењето и чија економска состојба е загрижувачка во исто време бара да бидат вработени 100 извршители на разни работни места. Ова исто ЈП на 40 вработени во нивниот Флораком им нема исплатено плата последните 3 месеци, за што вработените се стапени во штрајк, истото ЈП на своите вработени им нема исплатено К-15, во извештаите доставени до советниците само за период од 15 месеци од претпријатие кое работеше позитивно, има минус од фрапантни 120 милиони денари, изјави Станковиќ.