Украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор, со фокус на Киев, откако руските напади оставија делови од главниот град без струја, греење и вода на температури под нулата.

Руските сили во последните денови го гранатираа Киев и други делови од Украина со ракети и беспилотни летала, при што околу 70 отсто од енергетската инфраструктура на главниот град беше уништена на 13 јануари. По нападите, големи делови од Киев се соочуваат со прекини во снабдувањето со електрична енергија, објави „Киев индепендент“.

Зеленски прогласи вонредна состојба

Зеленски соопшти дека во Киев ќе биде формирана работна група која 24 часа на ден ќе го координира одговорот на кризата. Напорите за поддршка на граѓаните и локалните заедници во рамките на вонредните мерки ќе ги води новоименуваниот министер за енергетика Денис Шмихал.

„Последиците од руските напади и влошувањето на временските услови се сериозни“,
напиша Зеленски на својот Телеграм канал.

Портпаролот на најголемата приватна енергетска компанија во Украина, ДТЕК, изјави дека сериозноста на состојбата во Киев и низ целата земја бара невидена координација меѓу институциите и снабдувачите со енергија.

„Ја поздравуваме одлуката на претседателот Зеленски да спроведе вонредни мерки како одговор на оваа невидена ситуација, вклучително и воспоставување постојан координативен штаб. Тимовите на ДТЕК на терен работат деноноќно за да го вратат снабдувањето со електрична енергија во погодените региони и сме благодарни на секој енергетски работник во Украина за нивната посветеност во вакви екстремни услови“,
рече портпаролот.

Зеленски најави дека владата ќе ги засили напорите со странските партнери за набавка на критична енергетска опрема, зголемување на увозот на електрична енергија и обезбедување дополнителна поддршка. Истовремено, правилата за поврзување на резервната енергетска опрема со мрежата за време на вонредната состојба ќе бидат поедноставени.

Претседателот исто така нареди ревизија на полицискиот час, кој е во сила од почетокот на руската инвазија, со цел граѓаните да имаат неограничен пристап до „точките на непобедливост“ што обезбедуваат електрична енергија и греење. Градските власти најавија дека ќе бидат отворени и дополнителни вакви точки.

Се очекува Министерството за образование, заедно со локалните власти, да достави предлози до владата за начинот на одвивање на наставата за учениците за време на вонредната состојба.

Додека енергетските екипи работат на санирање на штетите, нивната работа е отежната поради ниските температури и недостигот на опрема за замена.

„Екипите за поправка, енергетските компании, комуналните компании и Државната служба за вонредни состојби на Украина продолжуваат да работат деноноќно за да ги вратат снабдувањето со електрична енергија и греење. Многу прашања бараат итно решавање“,
напиша Зеленски.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, оцени дека актуелната енергетска криза во главниот град е без преседан.

„Ова е првпат во четири години војна да видиме ситуација од ваков обем“,
рече Кличко.

Локалните власти претходно соопштија дека воздушната одбрана била активирана во Киев поради уште еден руски напад со беспилотни летала.