Стапија на сила измените за увоз на возила: Поедноставена постапка според европски стандарди

Од денеска во Македонија стапија на сила измените за увоз на возила, кои се темелат на европски стандарди и имаат за цел поедноставување и поевтинување на постапките, пренесува Журнал. Со ова, по 17 години од донесувањето, конечно започна буквалната примена на Законот за возила.

Нови правила за одобрување и пониски цени

Според новиот правилник, возилата со веќе добиено одобрение за тип во ЕУ или национално одобрение во земјава нема да подлежат на дополнителни проверки, туку само на идентификација и техничка оценка. За возилата без вакво одобрение, единечното одобрување ќе се врши преку Бирото за метрологија, по скратена и поефикасна постапка. Цената за потврдите за технички барања е утврдена меѓу 40 и 50 евра.

Заштеда и поголема ефикасност

Со воведените измени се очекува годишна заштеда од околу 1,3 милиони евра, средства кои досега се плаќаа на странски TÜV центри, а сега ќе останат во домашната економија. Дополнително, роковите за одобрување преку Бирото за метрологија се скратени двојно, што ќе овозможи побрза и поефикасна постапка. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, нагласи дека мерките се дел од процесот на усогласување со европските стандарди и зајакнување на довербата меѓу институциите, увозниците и граѓаните.