Од денеска стапува во сила забраната за увоз на руски дизел што ја воведоа земјите од Европската Унија со цел да го казнат Кремљ за војната во Украина но и да ја намалат зависноста за енергенси од Москва.
Забраната е воведена заедно со ограничување на цената на нафтените деривати, што е резултат на договорот меѓу групата седум најразвиени индустриски земји.
Очекувањата се дека со ограничување на цената ќе се спречи ненадеен пораст на цента на горивата но и директно ќе се влијае врз профитот во државниот буџет на Русија.
Членките на ЕУ отсега ќе купуваат дизел гориво од САД, Блискиот Исток и Индија за да го заменат руското гориво кое во еден момент покриваше десет проценти од потребите на континентот.
Цената на дизелот може да порасне поради зголемените транспортни трошоци и закрепнувањето на побарувачката во Кина, чија економија излегува од драконските ограничувања наметнати од пандемијата Ковид-19.