Британскиот премиер Кир Стармер ги критикуваше изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп упатени кон Иран, оценувајќи дека ваквата реторика е погрешна и дополнително ја зголемува тензијата.
Во обраќање пред британскиот парламент, Стармер истакна дека заканата за „уништување на цела цивилизација“ доколку Иран не го отвори Ормускиот теснец е несоодветна.
Тој посочи дека иранските цивили веќе подолго време трпат последици од политиките на властите во Техеран и нагласи дека е потребен повнимателен и избалансиран пристап.
Дипломатските напори за деескалација засега не даваат резултати, откако последните преговори меѓу САД и Иран завршија без договор.
Во меѓувреме, ситуацијата дополнително се заостри по воведувањето на американската поморска блокада на иранскиот брег. Техеран најави можни мерки за одмазда и предупреди на последици врз глобалната безбедност и енергетските пазари.
