Редовната авиолинија Софија-Скопје-Софија стартува утре. Првиот лет ќе се реализира во 05.30 часот кога на Меѓународниот аеродром Скопје треба да пристигне авионот на компанијата „Гуливер”.
Авионското поврзување меѓу главните градови на Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.
Симболично, првиот лет со кој се возобнови авиолинијата беше реализиран на 11-ти минатиот месец, а со него во Скопје од Софија пристигнаа македонска и бугарска делегација предводени од министерот за транспорт Благој Бочварски и неговиот бугарски колега Николај Сабев.
Скопје-Софија е новина со летниот распоред на летање, што стартува викендов, а со кој се обновуваат и дел од линиите што беа укинати пред ковид пандемијата.