Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Собранието на Република Македонија изведе перформанс каде ги осуди на 101 година затвор Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ за тоа што ја доведоа државата во потчинета состојба.
-Во име на граѓаните на Република Македонија судот на народот ги осудува на 101 година затвор за лицата Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ заради злоупотреба на својата позиција со цел доведување на Република Македонија во потчинета положба. Овие лица преку своите дејствија трајно ги нарушуваат преговарачките позиции на државата и работеле спротивно на државните и националните интереси, прекршувајќи ги Уставот и законите во Македонија, рече Јана Марија Стефановска.
Таа во текот на своја изјава посочи дека овие лица сето ова кое го прават води до целосна асимилација и бугаризација на Македонија и на тој начин ја понижуваат целата држава.
-Овие лица, со цел да постигнат личен интерес, со умисла и свесно превзеле чекори кои водат до загрозување на македонскиот јазичен идентитет, менување на историските факти за лица и настани во корист на Бугарија, со крајна цел за да се спроведе асимилација и бугаризација на Македонија. Во исто време горенаведените лица, спротивно на волјата на народот кој достоинствено и масовно кажува не на ваквото велепредавство, спроведувале преговори за идентитетски прашања и на тој начин ги понижиле Република Македонија и народот, кажа Стефановска.
На крај таа го порача следново:
-Судот на народот ги прогласува за виновни и ги осудува за велепредавство. Лицето Димитар Ковачевски го осудува на 101 година за велепредавство, лицето Бујар Османи на 101 година за велепредавство, лицето Бојан Маричиќ на 101 година за велепредавство. И не само за велепредавство, туку и за криминалот кој што го направија. Овие лица имаат право на жалба, ама немаат право на прошка од страна на народот за распродажбата на националните и државните интереси.