Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски по повод две години од седнувањето на градоначалничката функција со интервју за Курир.мк.

Скоро две години сте градоначалник на општина Гази Баба, колку сте задоволен од сработеното во изминатите две години?

„Неколку денови не делат од 15ти октомври кога навршуваат точно две години од денот кога граѓаните на општина Гази Баба ми ја дадоа својата доверба да ја водам општината. Кога дојдов за градоначалник затекнав општина со многу децениски проблеми на граѓаните, не решени предмети за легализација, многу отпочнати и заглавени постапи, со еден збор затекнав општина затворена за граѓаните. За разлика од пред само две години, денес општината е вистински сервис на граѓаните, а градоначалникот е слуга на народот. Голем број од децениските проблеми се веќе минато, а континуирано работиме на реализација на нови проекти кои ќе донесат подобар и поквалитетен живот за нашите граѓаните. Да заклучам дека да, задоволен сум од сработеното во изминатите две години од мандатот“.

Кога велите решивме децениски проблеми на граѓаните на што точно мислите? За какви проблеми станува збор?

„Иако живееме во 21 век во ерата на технологијата, граѓаните на општина Гази Баба беа оставени да живеат како во 19 век. Кога дојдов за градоначалник затекнав населени места без вода за пиење и населени места без фекална канализација. Тие проблеми на граѓаните траеле со децении, сите го ветувале нивното решавање но никој не превземал конкретни чекори во таа насока. Каква е состојбата денес? Минатата година го решивме проблемот со водоснабдувањето на населеното место Раштак, а пред само неколку дена започна изградбата на новата водоводна мрежа за населеното место Брњарци. Со реализацијата на овие проекти, повеќе нема населено место во општина Гази Баба кое нема чиста вода за пиење. Второ нешто со што се соочивме, тоа е недостатокот на фекална канализација во повеќе населени места. Денес за разлика од пред две години, населеното место Смилковци целосно доби фекална канализација, а додека во населеното место Црешево во тек се градежни активности за изградба на последната фаза со чија реализација секое семејство во Црешево добива приклучок на фекална мрежа. Исто така во тек се градежни активности за нова фекална канализација и во Чукур Маало – Трубарево, Гоце Делчев и Јурумлери, а за населеното место Идризово во општината немаше ниту проектна документација и истата е во завршна фаза со што следната година планираме буџетирање и реализација на тој проект. Фактот што само оваа година имаме изградено над 12 километри нова мрежа на фекална канализација говори за тоа дека сме цврсто решени да ставиме крај на децениските проблеми на граѓаните“.

Кои според Вас други важни проекти се реализираа изминатата година во општина Гази Баба?

„Јас проектите не ги делам на важни и не важни, бидејќи за мене секој еден реализиран проект е потполно важен. Лично сметам дека изминатата година е успешна година за општина Гази Баба, а за тоа говорат сите реализирани проекти низ населените места. Комплетно ја завршивме изградбата на новата училишна сала на ООУ Кирил и Методиј во Стајковци и по 50 години оваа година за прв пат учениците од Стајковци, часовите по физичко и здравството образование ги реализираат во училишна сала, а не по училници. Ја започнавме со изградба новата училишна сала на ООУ Наум Охридски во Булачани каде што по 60 години ова училиште ќе добие нова училишна сала. Изградивме спортски терени на современа тартан подлога во повеќе населени места, а Инџиково доби спортски терен за фудбал на подлога од вештачка трева. Градиме нови детски забавни катчиња, а истовремено извршивме и реконструкција на најголем дел од веќе постоечките насекаде низ општина Гази Баба. Оваа година ја реализиравме и историски најголемата акција за асфалтирање на локални улици која сеуште трае, а го решивме и деценискиот проблем на жителите од новата населба Хиподром 2 кои конечно добија асфалтирана патна инфраструктура. Тука морам да го споменам и ЈКП Гази Баба кое преставува вистински граѓански сервис. Оваа година ЈКП Гази Баба доби оперативен центар со најсовремена работилница за изработка на урбана опрема. И многу други проекти кои Гази Баба ја прават поубаво место за живеење“.