Бобан Стефковски нагласи дека Гази Баба покажа како се работи за граѓаните, решавајќи предмети и инвестирајќи во инфраструктура
На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој истакна дека Гази Баба покажа како се работи чесно и посветено, појаснувајќи дека општината претходно била затворена и со голем број нерешени предмети и бесправно изградени објекти, но тие состојби се надминати.
„Навистина јас начекав една затворена општина, во којашто наместо граѓаните да одлучуваат, одлучуваа неколку луѓе од локалната самоуправа. Имаше голем број нерешени предмети, како и предмети за легализација на бесправно изградени објекти. Сите предмети коишто ја имаа уредно комплетирано документацијата се решени веќе во општина Гази Баба. Навистина Гази Баба покажа како се работи – чесно, транспарентно и посветено за доброто на секој граѓанин“, рече Стефковски.
Тој додаде дека Гази Баба покажа како се работи и во областа на инфраструктурата. Општината се посветила на комуналните проекти, патната мрежа и образованието.
„Особен фокус ставивме на комуналната инфраструктура и подобрување на патната инфраструктура. Во изминатите четири години во општина Гази Баба се реализираа вкупно 670 проекти, што е навистина за поздрав. Изградивме 32 километри фекална канализациона мрежа во неколку населени места, го подобривме водоснабдувањето во руралните населени места и асфалтиравме и поплочивме 170 улици. Со макотрпна работа промените се веќе видливи. Гази Баба покажа како се работи и во образованието – обезбедивме бесплатни униформи за сите 6.800 ученици, доделуваме 5.000 денари за секое новороденче и 3.000 денари за секое семејство со прваче на почетокот на учебната година“, истакна Стефковски.