Општината се граѓаните и ние сме избрани за да им служиме на нив. Ми беше задоволство што имав можност утрово да се обратам на тркалезната маса во организација на Меѓународниот републикански институт ИРИ со цел да ги споделам воведените позитивни практики кои општина Гази Баба ги реализираше во насока на унапредување на комуникацијата со граѓаните, истакна градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
-Пред две години кога граѓаните ми ја дадоа довербата да бидам градоначалник на општина Гази Баба пред себе си поставив три цели кои се во насока на унапредувањето на комуникацијата со граѓаните, а тоа се: Прво да се воспостави двонасочна комуникација со граѓаните на општина Гази Баба; Второ да обезбедиме висок степен на транспарентност и отчетност на своето работење кон граѓаните и сите чинители во општина Гази Баба; и Трето да обезбедиме партиципативност на граѓаните на општина Гази Баба во носењето на крупните стратешки и инвестициски одлуки, а пред и над се во носењето на буџетот на општина Гази Баба, рече Стефковски.
„Денес кога сме на половина од мандатот со задоволство можам да споделам дека сите три поставени цели ги имаме реализирано.
Лично сметам дека колку и да сме отворени кон граѓаните, секогаш може подобро. Јас често знам да кажам дека ние постоиме за граѓаните, а не граѓаните за нас, бидејќи ние сме избрани за да им служиме на нив“, порача тој!