Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во видео обраќање до жителите на општината го најави работното лето Гази Баба 2023 во рамки на кое ќе се реализира историски најголемата градежна офанзива во општина Гази Баба.
Во видео обраќањето градоначалникот Стефковски истакна:
Успешниот почеток на 2023 е показател дека оваа година носи инфраструктурен развој и реализација на многу проекти.
Започнавме со изградба на нова мрежа на фекална канализација во должина од 9 километри, ја отворивме училишната сала во ООУ Кирил и Методиј, а веднаш потоа започнавме и изградба на нова сала за ООУ Наум Охридски во Булачани. Асфалтиравме локални улици во Брњарци, Булачани, Ченто, Инџиково и Виниче на вкупна површина од околу 7000 метри квадратни. Изградивме нов спортски комплекс во Стајковци. Отворивме нова сензорна соба во ООУ Наум Наумовски Борче. Во новата учебна година обезбедуваме бесплатна училишна униформа за секој ученик, а секое прваче ќе добие по 3000 денари финансиска поддршка од општината. Обезбедуваме и бесплатна градинка за дечињата од социјално загрозените семејства, а ЈКП Гази Баба добива нов оперативен центар, прв од ваков тип во Република Македонија.
Денес сакам да го најавам работното лето “Гази Баба 2023” во рамки на кое ќе се реализираат голем број на проекти.
За многу скоро од денес ќе започне голема акција за асфалтирање на повеќе од 40 локални улици во населените места низ општината. Асфалтирани и реконструирани улици ќе добијат Јурумлери, Трубарево, Кирил Петрушевски, Брњарци, Ченто и другите населени места.
Ова лето ќе ставиме крај и на долгогодишниот проблем со патната инфраструктура кој го имаат жителите на новата населба Хиподром 2. Целосната постапка е завршена, избран е економски оператор и веднаш по добивање на дозволата за сообраќаен режим ќе започнат градежните активности.
Ова лето ќе се изградат и нови спортски терени на најсовремена тартан подлога во Трубарево, Јурумлери, Ченто, Автокоманда и други населени места, а Инџиково ќе добие спортски терен на подлога од вештачка трева.
Ќе изградиме и голем број на нови детски катчиња за нашите најмлади.
Во Црешево ја започуваме последната фаза за изградбата на фекалната канализација со која се решава деценискиот проблем во ова населено место.
Ова се само мал дел од проектите кои ќе се реализираат.
Едноставно летото пред нас ќе ја донесе најголемата градежна офанзива во историјата на општина Гази Баба.
Денес ние газиме трнлив, но вистински пат, бидејќи создаваме дела кои носат сигурна иднина. За сите нас и за нашите деца, истакна Стефковски.