Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски во објава на својата официјална страна на Фејсбук, информира дека општина Гази Баба преку оддржување на настан и положување на свежо цвеќе оддала почит по повод 121 година од раѓањето на Методија Андонов Ченто.

Во објавата, градоначалникот Стефковски напиша:

Попладнево во организација на општина Гази Баба се оддржа одбележување на 121 година од раѓањето на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Македонија.

Посебно сум горд, што како градоначалник на општина Гази Баба имав можност да стојам рамо до рамо со потомците на Ченто кои денес заедно со нас положија свежо цвеќе.

Како локална самоуправа оваа година исто како и минатата ја исправаме големата неправда која државата му ја нанесува на ликот и делото на Ченто, заборавајќи го датумот на неговото раѓање.

Осудуван од србите, затворан од бугарите, а сепак најдолго се задржал и го загубил своето здравје од своите соборци во македонските затвори. Цел еден период, неговото име и неговите заслуги беа избришани од учебниците и од историјата, а во еден темен историски период забранија и името да му се споменува.
Токму затоа, Ченто е симбол на сите жртви од комунистичкиот режим чиј единствен грев беше што се бореа за независна и демократска македонска држава.

Своевремено Ченто ќе рече “Не можете ниту вие, ниту било кој друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца”.

За жал во последните години во Република Македонија некој се обидува да ни наметне се повеќе да избегнуваме да зборуваме за македонската историја, како таа да е полна со гревови, а не со неправди.

Лекцијата што постојани ни се повторува, бидејќи никако не сакаме да ја научиме е следната: најголемите национални порази за Македонија се случувале тогаш кога е заобиколувана волјата на македонскиот народ.
Нешто слично ни се случува и денес. Македонскиот народ во огромно мнозинство е против менување на Уставот под бугарски дикат. Денес Македонците велат НЕ за менување на Уставот на Македонија, но наместо да бидеме послушани, ние сме игнорирани.

Ако македонскиот народ имал сила да ја создаде и изгради Република Македонија, тогаш сигурен сум дека ќе има сила и да ја одбрани, сочува и предаде на идните генерации.

Нека се вечни споменот и делото на Методија Андонов Ченто!

Нека се вечни споменот и делата на сите паднати синови и ќерки за слободата на Македонија!

Да ни е вечна нашата мила Македонија! – напиша Стефковски.