Во објава на својата официјална страна на фејсбук градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се јави со остра реакција по повод пристигнувањето на нови дојави за бомби.
Во објавата градоначалникот Стефковски напиша:
Ме информираа дека се пристигнати дојави за поставени бомби во ООУ Наум Наумовски Борче, ООУ Стив Наумов и ООУ Наум Охридски.
Од училиштата се превземени мерките согласно утврдените протоколи и учениците се евакуирани од училишните згради и се наоѓаат на безбедно.
Во општина Гази Баба на 16.12.2022 година за прв пат пристигна дојава за бомба во училиште, денес сме 23.02.2023 година. Недозволиво е за државата неколку месеци во континуитет да пристигнуваат вакви дојави, а притоа да неможат да се откријат сторителите.
До мене пристигнуваат реакциите на родителите кои со право прашуваат: Дали ова е доказ дека целосно е дерогиран безбедносниот систем на Република Македонија? Или пак се работи за неспособност и непрофесионалност на вршителите на јавните функции?
Ова повеќе неможе и несмее да се толерира! Барам превземање на итни и енергични активности и мерки од страна на надлежните институции со цел оваа појава да запре! – напиша Стефковски.