Градоначалникот Бобан Стефковски најави нов мандат и истакна дека општината постигнала историски најголем развој со поддршка од Владата
Историски најголем развој бележи Гази Баба во последните четири години, рече актуелниот градоначалник Бобан Стефковски во интервју за Курир. Тој објасни дека повторно ќе ја побара довербата на сограѓаните за уште еден мандат како кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Стефковски нагласи дека новата кандидатура за него е чест, но и голема одговорност.
„За мене е чест, но и голема одговорност што ја добив довербата од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски да бидам кандидат за втор мандат. Истовремено ова за мене е признание за посветената работа и реализираните проекти во првиот мандат. Општина Гази Баба во изминатите 4 години бележи историски најголем развој. Тоа се должи на посветената работа на целиот тим – советници, администрација, пратеници од општината, а особено на поддршката од премиерот Мицкоски. Направивме многу за граѓаните и подготвуваме мандатен отчет кој ќе го презентираме во првата половина на септември, онака како што дававме отчет сите четири години,“ нагласи Стефковски.
Во разговорот за Курир тој објасни дека избрал да не биде градоначалник кој времето го минува во канцеларија, туку на терен меѓу граѓаните. Слушал идеи, пофалби и критики, од кои се развиле бројни проекти што ќе се најдат во новата предизборна програма.
„Од првиот ден кога ја презедов функцијата верував во едно – дека сум прв меѓу еднаквите. Дека тоа беше така, говорат фактите. Јас сум првиот градоначалник кој во целиот мандат нема користено службено возило и нема потпишано фактура за репрезентација. Целта ми се граѓаните и нивниот живот, не личните привилегии. Секојдневно сум на терен во населените места, а гласот на граѓаните одлучува. Во моментов ја предводам и теренската кампања ‘Караван за идеи – Твоја идеја, заедничка иднина. За Гази Баба која повеќе не запира’. Скоро секое попладне сум на директни средби со граѓаните, слушам одлични идеи, иницијативи и предлози кои ќе бидат дел од изборната програма и ќе се реализираат,“ рече Стефковски.
Градоначалникот за Курир се осврна и на промената на власта во Македонија и разликата во соработката со минатата и сегашната влада.
„Со минатата Влада немаше соработка, туку опструкции. И најдоброто нешто што и се случи на Македонија е тоа што тие заминаа во опозиција. Денес имаме Влада на која приоритет се граѓаните. Благодарение на поддршката од Владата, премиерот Мицкоски и ресорните министри, Македонија прерасна во големо градилиште. За Гази Баба, покрај проектите од сопствени приходи, со помош на Владата се реализираат проекти вредни над 13 милиони евра – највисока поддршка во речиси 50 години постоење на општината. Со овој инфраструктурен бум се постигнува и рамномерен регионален развој, што е стратешки важно. Ако претходните влади инвестираа барем дел од ова, денес немаше да имаме населени места без вода и канализација,“ потенцираше тој.
Во интервјуто Стефковски зборува и за очекувањата на партијата на локалните избори. Тој очекува убедлива победа уште во првиот круг.
„Ова мое очекување не е резултат на желба, туку се темели на сработеното низ Македонија. Оваа генерација градоначалници покажа поинаков пристап – одговорен и чесен. Да не заборавиме дека повеќе од половина од мандатот го поминавме со Влада предводена од СДСМ и ДУИ, што значеше инспекции, одземање ингеренции и опструкции,“ заклучи Стефковски.
Цело интервју на Курир.мк.