Придружувана од директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, и од директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, Стефоска најави дека денеска започнува првата фаза на конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт.
– Заштитата е скапа работа, но не е ништо во однос на вредноста на ова културно добро. Аквадуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните ниту, пак, е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот Aквадукт е скапоценост – рече Стефоска. Таа изрази уверување дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата заштита и, како што кажа, имаме обврска, Аквадуктот да го промовираме пред светот кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации. Но, пред тоа, неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“, но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: „Тоа и го спасило “. Но, убедена сум дека од денеска Аквадуктот ги добива заслуженото внимание и грижа – рече Стефоска.