Во најновиот извештај на Стејт Департментот, Македонија останува во полошата група на држави, откако со години беше пример за борба против трговијата со луѓе.

Македонија долго време беше во највисоката група Тиер – 1 на земји кои сериозно ја разбираат борбата против трговија со луѓе и вложуваат сериозни напори да ја сузбијат оваа појава. Но, од 2016 година Македонија е деградирана во пониското ниво – Тиер 2.

-Владата на Македонија не ги исполнува во целост ниту минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прави сериозни напори во таа насока, пишува во извештајот.

САД ја критикуваат Владата на Заев дека не ги исполнила минималните стандарди во неколку клучни области на борбата против трговијата со луѓе.

-Владата пренасочи средства наменети за заштита на жртвите и ги даде за напорите поврзани со пандемијата, со што се загрози натамошното функционирање на мобилните тимови за идентификување и активностите на засолништата за жртви на трговија со луѓе. Владата не обезбеди соодветни финансиски средства и опрема за да се водат проактивни истраги, а Обвинителството за организиран криминал немаше доволни средства и персонал за да ги води сите случаи под негова надлежност, пишува во извештајот.

Дополнително се наведува декa властите не покренале нови слуаи на гонење на трговци со луѓе, со само пет случаи во 2020 година, додека задолженоите обвинители гонеле само една криминална група со осум членови. Вкупно девет лица биле осудени, од кои петмина за трговија со деца од 2019 година. Вкупно седум жртви биле идентификувани во текот на годината, од кои пет биле принудувани да нудат сексуални услуги.

Оваа слика, преземена од извештајот од 2015 година, покажува дека Македонија тогаш се наоѓала во првата категорија или Тиер 1, за разлика од денес, што сведочи за неуспешното справување на владата со овој глобален проблем.

Во извештајот се предупредува и дека македонски државјани се жртви на трговија со луѓе за работа, пракса која се случува во земји како Германија, Израел, Хрватска, Бугарија и други поразвиени земји.