Во вакви околности нема да гласаме за уставни измени. Владата решава некои прашања без политички консензус, навлегува во политички процеси и прави политички отстапки, реагира опозицијата која е исклучена од целиот процес, и потоа владата после донесена одлука бара опозицијата таа одлука да ја поддржи. Некоректно и политички полуписмено, зошто опозицијата да презема ризик за туѓи одлуки кои не се адекватни на реалните состојби, рече лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, и пратеник Иван Стоиљковиќ за „Само интервју“ на Канал 5.
Стоиљковиќ потсети дека и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски соопшти дека нема да ги поддржи уставните промени под вакви политички услови.
– Сами донесоа одлука и сега викаат дојдете исперете ги нашите погрешни одлуки. Дека одлуките се погрешни покажува јавното мислење. Опозицијата го гледа расположението на граѓанство. Не може да носите решение кога едната страна е апсолутно незадоволна од тоа решение, рече тој.
Стоиљковиќ посочи дека власта треба да се подзамисли што прави кога на испитување на јавно мислење од „Брима галуп“, граѓаните се незадоволни и додаде дека не е точно дека не може да се променат условите во преговорите.
– Не е се согласувам дека условите не може да се променат, животот е борба, да се успее да се поправи. Граѓаните го сметаат ова понижувачки и не може да се очекува да биде долготрајно, рече тој.