Ние сме единствена држава во светот можеби во овој момент која живее со три со закон прогласени кризни состојби. Тоа се кризната состојба по повод КОВИД пандемијата, кризната состојба по повод мигрантската криза, и кризната состојба во однос на недостатокот на електричната енергија. Ако првите две се со надворешни влијанија предизвикани од влијание кои немаат допир со внатрешните прилики во нашата држава Република Македонија, третата односно кризната состојба со недостатокот на електрична енергија можеме слободно да кажеме дека е и изворна, и таа е резултат на неспособноста на министрите, на Владата да се справат со предизвиците пред кои се исправени, истакна Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите во „Само вистина“ во Канал 5 телевизија.

Стоилковиќ додаде дека уште летово се говореше за слабите акумулации, тој период дури се зборуваше дека претстои енергетска криза.

-За тоа време ние продававме струја наместо да ја чуваме струјата. Така да ги потсетам само граѓаните на Македонија дека на почетокот на ноември плаќавме струја 180 евра по киловат час, а некаде десетти ноември плаќавме по 250, а сега плаќаме преку 400 евра по мегават час, појасни Стоилковиќ.

Стоилковиќ посочи дека ако првите две се резултат на надворешната кризна состојба, третата е поради неспособноста на власта да се справи со предизвиците.

-Она што може на прв поглед да се заклучи кога станува збор за политичкиот живот во Собранието, е тоа дека првпат во Македонија се случува амбдибајремизација на политичкиот корпус на Албанците. И таа амбдибајремизација која прв пат се појавува во политичкиот живот во Република Македонија, а тоа би го објаснил како прелет на политичари и политички партии и политички личности од една во друга опција со што се нарушува и изборната волја на граѓаните востановена во текот на изборите се сериозен предизвик не за албанскиот политички блок, тие се сериозен предизвик за целокупната државна номенклатура затоа што таа амбдибајремизација на политичките партии кој како процес се појавува во политичките партии на Албанците ќе видиме каков одговор ќе предизвика кај македонското избирачко тело и воопшто кај граѓаните, рече Стоилковиќ.