ЕЛЕМ, државната компанија за производство на струја, склучи спогодба и договор во постапка со преговарање без претходно објавување на оглас на 19 милиони евра, за ископ на 1,4 милиони тони јаглен, откако цело лето не се копаше јаглен и земјата ја втурнаа во тешка криза, изјави денеска за медиумите, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Тој посочи дека овој тендер доаѓа во време кога се носи и решение за принуден одмор на работници од компанијата! Од една страна принуден одмор, заради кризна ситуација, од друга страна директен договор на 19 милиони евра.

– Ова е тој заклучок, тоа решение потпишано со Васко Ковачевски за принуден одмор на вработени во РЕК Битола. ЕЛЕМ и РЕК Битола мора да одговорат како е дојдено до изборот на компанијата Марковски за зафат вреден 19 милиони евра во време на криза? Дали имало и кои биле другите компании и зошто тие биле одбиени? Зошто се оди на непосредна спогодба кога цела година се знаеше дека треба да се копа јаглен, а тој не се копаше, запраша Стоилковски.

Тој објасни дека се работи за чист интерес покажува и математиката.

– ЕЛЕМ на компанија избрана по лично видување, дава 19 милиони за ископ на 1,4 милиони тони јаглен. Тоа значи цена за тон јаглен е околу 13 евра. Цената по која што се купува јаглен од Косово е 8 евра за тон, ако може да се верува на бројките на министерот Бектеши. Следејќи ги бројките, ЕЛЕМ и кадрите на СДСМ, разликата меѓу увозот и директната спогодба е цели 5 евра по тон јаглен. Блескавите во енергетика, криминогените структури во раководствата во енергетиката, кои што ја оставија државата без своја струја и се уште неплатена увезена струја, по овој последен математички нелогичен зафат во директна спогодба мора да одговорат, дали изборот на фирма во непосредна спогодба чини 5 евра по тон, односно според договорената количина, 7 милиони евра повеќе? Неспособноста, криминогеноста, лукративноста на СДСМ ја уништи Македонија и ја втурна во кризи со катастрофални последици, додаде портпаролот.