Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски оцени дека СДСМ не извлекла поуки од претходните политики и ја критикуваше за пристапот кон евроинтеграциите и уставните измени. Тој порача дека е потребно поголемо единство во државата.
„Лекцијата во СДСМ и целиот систем на СДСМ како партија, како поддржувачи, како поранешни експерти, не е научена. Би требало да се застане да се види до каде е ситуацијата, да се направи едно единство во државата. Мислам дека СДСМ мора да ја научи таа лекција и да престане да биде бомбаш- самоубиец со вакви настапи како на Андреј Жерновски или на други, за евроинтеграциите да бараат да биде променет Уставот. СДСМ нема политика којашто ја креира, не поминува кај Македонците”.
Стоилковски ова го изјави во „Вечерното шоу на Богдан Илиевски“, каде говореше и за односите со Бугарија и евроинтегративниот процес.
Тој посочи дека актуелната состојба е последица на одлуки донесени од претходната власт.
– Грешка е направена од страна на претходната власт, којашто одеше отворено без размислување и покрај сите предупредувања дека не треба и дека ќе биде злоупотребено сето тоа и дека летвичката ќе се крева сè погоре и погоре.
Според него, барањата од Бугарија се зголемуваат од периодот кога Македонија влезе во НАТО.
– Кога Македонија требаше да го смени Уставот, да го смени името за да влезе во НАТО и во Европска Унија, Софија немаше никаков проблем со ништо во рамки на добрососедството, кога влегуваше Македонија во НАТО немаше никаков проблем од страна на Бугарија, од тогаш наваму на три пати се појавува. Колку отворањето на Уставот сега понатаму ќе биде решение за тоа, и ќе се остава простор Софија во секои наредни предизборија да имаат нови и нови теми поврзани со национализмот.
