Започна судењето против Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на Катја, кои трагично го загубија животот по пад од тераса.
Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски, познат по постапувањето во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Според наводите на Основно јавно обвинителство, обвинетиот подолг временски период вршел психичко и физичко насилство врз својата сопруга. Таа, како што се наведува, била тепана, навредувана и понижувана – и во домот и на јавни места, пред сведоци, при што ѝ биле упатувани закани дека ќе биде избркана од домот и дека ќе ѝ биде одземено детето.
Обвинението посочува дека насилството кулминирало на критичниот ден, кога Ивана, во состојба на тешка психичка вознемиреност и чувство на безизлезност, си го одзела животот.
„Малтретирањето ја довело оштетената во состојба на страв, безнадежност и неможност разумно да ги контролира своите постапки“, наведуваат од Обвинителството.
Според податоците на Министерство за внатрешни работи, против Јовановски претходно биле поднесени повеќе од десет пријави за семејно насилство. Паралелно, против него се воделе постапки и за други кривични дела, меѓу кои и трговија со дрога, а двапати бил осудуван, вклучително и за напад врз полициски службеник.
По трагедијата, инспекциските служби од Министерство за социјална политика утврдиле пропусти во постапувањето на надлежниот Центар за социјални работи.
Официјалните податоци на МВР покажуваат дека од почетокот на годината до 10 март се регистрирани 319 кривични дела поврзани со семејно насилство, поднесени се 207 кривични пријави, а во 14 случаи е одреден притвор. Во истиот период се евидентирани и 602 поплаки за семејно насилство, што дополнително ја отвора темата за системските пропусти и заштитата на жртвите.
