-Оваа власт, предводена од СДСМ и ДУИ, може да опстои само во хаос, безредие и беззаконие. Единствено, што најдобро знаат да го прават, е да наоѓаат изговори за својата неспособност и да ја дефокусираат јавноста, создавајќи нови национални проблеми. Целата македонска јавност знае дека Македонија поминува низ многу тежок период. Сите знаат дека Македонија е во тешка општествена, финансиска, енергетска, институционална и национална криза, а единствените виновници за оваа состојба се токму СДСМ и ДУИ. И токму заради ова, граѓаните ја пратија својата порака и ги казнија политиките на владата на Заев, декласирајќи ги на последните локални избори.На тој ден СДСМ и ДУИ го изгубија легитимитетот, а од поодамна и кредибилитетот во владеењето. Оттука, СДСМ и ДУИ не смеат и немаат никакво право и легитимитет да го киднапираат и да го држат во заложништво и македонскиот народ, злоупотребувајќи го спорот со Бугарија, за кој, како Парламент и држава, на ден 29.07.2021 година изгласавме Резолуција, поднесена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, а прифатена едногласно од сите, со која се поставија нашите црвените линии во преговорите. Се’ останато, што се обидуваат да го направат, надвор од рамките на оваа резолуција, е само груба манипулација, дефокусирање и очаен обид за спас на оваа власт, на сметка на државата и граѓаните. Имено, наметнувањето на тезата дека СДСМ и ДУИ се прогресивната, про-ЕУ сила, е само лош изговор за пазарења, повторно на штета на државата и народот кој веќе ја развласти и делегитимира оваа власт. Држењето на власта по секоја цена нема да им помогне, бидејќи и во СДСМ и во ДУИ знаат дека ќе следува одговорност за сета корупција и криминално однесување, вели Стојаноска.

Таа додава дека на сите ни е јасно дека не постои никаква безбедносна криза по прашањето за спорот со Бугарија. Единствената криза постои само во владата на СДСМ и ДУИ, колабирана од неспособност, неодговорност и корупција.

-Груби и владата ја втурнуваат Македонија во вештачка криза, со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање. Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту пак спор од безбедносен карактер. Овој обид на Груби и на власта – да градат на оваа теза преговори, е поразителен за државата. Македонија е земја – членка на НАТО и со ова сите наши безбедносни прашања се затворени. Во рамки на границите на Република Македонија има Министерство за внатрешни работи, кое ја чува или треба да ја чува нашата безбедност. Токму корупцијата, неспособноста и распадот на системот е единствената причина што сега власта повторно се обидува да го подели и да си поигрува со чувствата на народот на национално суштинско прашање. Тоа е последната сламка за спас, за која што очајно оваа власт се обидува да се фати, бидејќи знае дека повеќе нема назад. Господо од власта, пораката од граѓаните ви е пратена на локалните избори. Ако сте работеле чесно, нели нема од што да се плашите?!? Решението е брзо и ефикасно: Тоа се ИЗБОРИ! Што побрзо, тоа подобро.! Не за Вас, туку за граѓаните! Послушајте ги, барем овојпат, и конечно – охрабрете се, вели Стојаноска.