Верувам, се залагам, сакам разочараните и оние кои што мислат дека нема надеж за Македонија, сакам да им ја влеам таа надеж дека има иднина подобра за државата и дека работите можат да тргнат на добро, истакна пратеничката Дафина Стојаноска во утринската емисија на Канал 5 телевизија.

-Настојувам со мојот начин на функционирање да ги разубедам луѓето и да им покажам дека не е стереотип да си политичар. Еве иако припаѓам на најголемата опозициска партија сепак се борам да имам свој став и сум се изборила, рече таа.

Стојаноска додаде дека граѓаните треба да останат во Македонија и да се борат за подобра иднина на државата.

-Јас мојата борба ја гледам како борба на поединец иако сум претставничка на политичка партија, но мојот став е дека верувам дека работите можат, мораат и треба да се променат на подобро. И затоа велам ако е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ би победило на следните избори, нас ќе не чека најтешката задача веднаш после победата, нагласи пратеничката.

-По изборите се што ќе имаме ветено ќе треба на дело да го покажеме. Затоа што ќе дочекаме распадната држава по многу нешта и по вертикала и по хоризонтала. Но, ако се почне мислам дека тоа ќе може некој да го почувствува, да го види, појасни Стојаноска.

Таа посочи дека ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе се залага и ќе направи се за да граѓаните имаат подобар живот во Македонија.