„Единствена сила која може да ја спречи оваа хаварија е ВМРО-ДПМНЕ. Единствен начин да се спречи ова зло е масовна излезност на претстојните избори и заокружување на бројот 2. Овие избори никој не смее да остане дома. Никој не смее да се уплаши од криминалците и да дозволи да биде поткупен. Овие избори се токму за да ги пикнеме криминалците во затвори, а оттаму да ги извадиме уставобранителите. Овие избори поткупува оној кој има зорт. Овие избори поткупува оној кој ги украл вашите пари. Овие избори заплашува оној кој се плаши. Овие избори уплашени се СДС и ДУИ. Овие избори тие ќе поткупуваат и ќе сеат страв. Овие избори тие ќе предизвикуваат инциденти и ќе објавуваат невистини. Овие избори не им дозволувајте да ве прелажат по трет пат“, рече носителката на ИЕ 6 Дафина Стојаноска на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница во рамки на претседателските избори.

Таа истакна дека власта имала 7 години можност да се докажат и нешто да сработат.

„Овие избори тие ќе тресат ветувања од ракав, затоа што станаа професионални лажговци. Не им верувајте и не им се плашете. Парите кои ќе ви ги нудат се ваши пари. Потрошија преку 20 милијарди евра, а ништо не изградија. Платија 200 милиони евра казнени поени за неотпочнатиот проект Бехтел и Енка. Се сеќаваме плаќаа милионски суми камата за после 7 години неизградениот нов Клинички центар“, вели Стојаноска.

Таа вели дека за 7 години власта испокраде и испоуништи, колку што за сите останати 25 наназад не се можело.

„Што е најтрагично, истите тие 7 години наназад нѐ убедуваа дека сево ова се правело заради влез во Европската Унија. Дури и во оваа кампања ја имаат извалкано со фразите за европски вредности. Не само што го извалкаа нашето свето име Македонија, туку и Европа ја испорезилија. Ни зборуваат за нивните европски вредности и залагања за членство, додека на дело спроведуваат неевропски политики, злоупотребуваа европско знаме во Парламент и нас нѐ обвинуваат дека анти-европејци“, рече Стојаноска.

Таа посочи дека лажниот европски фронт треба да е погазен од македонскиот народ.

„Заради сево ова, време е овој лажен европски фронт да биде погазен од македонскиот народ и да биде испратен во заборав. Време е Гордана Силјановска Давкова да им покаже дека европска вредност е почитување и применување на законите. Дека европска вредност е спроведување на правдата. Дека европска вредност е почитување на правата и слободите на граѓанинот. Дека европска вредност е квалитетното образование. Дека европска вредност е здравство без криминал. Дека европска вредност е почитувањето и негувањето на македонската традицијата. Дека европска вредност е сѐ што тие не беа, не се, не можат да бидат“, истакна Стојаноска.

Таа ги повика сите граѓани на масовна поддршка за Гордана Силјановска Давкова.

„Заради сево ова, ве повикувам сите на масовна и заслужена поддршка за нашата кандидатка за Претседателка на Република Македонија. Да го заокружиме бројот 2, и на 24-ти април, и на 8-ми мај, за да му покажеме на светот дека Македонија не служи за пазарење и поткусурување, туку дека Македонија е земја со богата култура и славна историја, земја со паметни и способни луѓе кои се подготвени и сакаат да ја видат повторно горда“, потенцираше Стојаноска.