„Се обидовме неколку пати колку што ни трае мандатот во сите овие кризи да понудиме решение, да понудиме помош. Ние и понудивме и еден економски тим составен од врвни експерти во своите области, меѓу кои што е и потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, кој што ќе треба про боно да им помогнат на луѓето нормално без разлика земајќи го приматот на тоа кој ги создава идеите или кој ги дизајнирал мерките се со една цел граѓаните полесно да го пребродат овој период. И претходниот пат кога ги дизајнираа мерките кои што завршија пред пет дена, во комуникација со претседателката Гордана тогаш разговаравме каков закон да понудиме за да им помогнеме на луѓево. Прво, сакам да ја потсетам јавноста дека имаше една дискусија во Собранието за законот поврзан со царината и тогаш се ослободуваа одредени производи по царински тарифник и разговаравме со Гордана која тогаш кажа да се поднесе еден амандман со кој ќе се повика министерот на разум, со тој начин да се успее барем за некои производи кои што се употребуваат во производство на храна да се отргнат од тој царински тарифник. Односно тие производи да се ослободат од царина и така ќе се намали притисокот на крајната цена на храната. Тоа се предложи, но министерот кажа не е сега момент, но добро идејата за понатака“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник во Собранието на Република Македонија на денешната трибина насловена „Ценовен шок, сиромаштија и неспособна влада“.
Стојаноски укажа дека од поднесениот предлог за ослободување на одредени производи од царински тарифник поминаа 35 дена, и за тие дена граѓаните се уште плаќаат поскапа храна. А, министерот никако да се вразуми и предлогот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ да го предложи како владина мерка.
„Ние исто така предложивме повторно закон за намалување на ДДВ за електричната енергија, за горивата, и за храната, и 20 дена поминаа. Првиот наш предлог го одбија. 20 дена поминаа, за тие да поднесат идентичен таков закон и да речат да ова е антикризна мерка. И тука нема проблем, во ред нека го препишат законот, но зошто губиме време. Ние губиме драгоцено време во кое што граѓаните со денови и со недели плаќаат повисока цена на производите“, нагласи Стојаноски.
Стојаноски додаде дека трет пат по ред се поднесува закон за акциза од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. И од страна на власта велат дека нивниот е подобар, во кој што дел максимум што може да се биде ослободен е само 3 денари. А, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има многу поуспешен модел, а власта упорно го одбива.
„Ние бевме приморани како пратеничка група во средата преку прес конференција на координаторот Никола Мицевски да поднесеме барање за свикување на итна седница со собрани над 20 потписи колку и што предвидува самиот Деловник. Еве јас ја користам и оваа прилика да ги замолам буквално и не ми е никаков проблем, ајде да свикаме една итна седница на која што ќе бидат ставени овие закони и да дискутираме, да ги поминеме во читање. Јас сум претседател на Комисијата за финансирање и буџет која што е надлежна за овие прашања. Еве ветувам дека веднаш по завршувањето ќе ја свикам за да дискутираме со амандмани па не мора да го прифатат нашето решение. Ако се толку суетни, ако не сакаат да признаат, еве тие нека предложат предлог законски решенија. Еве нека ги зедат нашите, објавени се на веб страната, и тие нека ги поднесат, а ние ќе ги гласаме“, нагласи Стојаноски.
Стојаноски посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа се со цел граѓаните да не страдаат од овие кризи.