Денес на Комисијата за финансирање и буџет се изгласа позитивно амандманот со кој се бара зголемување на платите на вработените во администрацијата за 15%, ова денеска преку прес-конференција го истакна Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија го поднесе овој амандман на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија. Во текот на Комисијата успеавме да ги надгласаме пратениците од СДСМ и ДУИ. Помина гласањето во Комисијата за финансирање и буџет, останува да се потврди и со гласање на Законодавно правната комисија. Пратениците од СДСМ без срам и перде се закануваат дека ќе бараат поништување на изгласаниот амандман, вели Стојаноски.
Тој додава дека ќе се бориме и на таа комисија и преку аргументи ќе пробаме да ги убедиме дека во услови на инфлација од 30% покачување од 15% не е луксуз, туку е неопходност.
„Десетици илјади вработени во администрацијата чекаат на овој амандман. Една недела беше затворена Управата за водење на матични книги и цела држава беше блокирана. Замислете ако цела администрација протестира колку ќе се блокира државата. Имаме тенденција на напуштање на администрацијата од квалитетни кадри, а тоа значи намалување на квалитетот на јавните услуги“, рече Стојаноски.