Минималната плата ќе се зголеми во согласност со договорот што ќе го постигнат работодавачите и работниците. Владата ќе ја поддржи одлуката што ќе произлезе од социјалниот дијалог меѓу двете страни.

Ова го изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма. Тој нагласи дека Владата ги има исполнето своите обврски кон оние институции каде што е работодавач.

„Минималната плата ќе порасне така како што ќе се договарат работодавачите и работниците, со оглед на тоа дека Владата во овој дијалог ги има испочитувано во крај своите права или обврски кон оние на коишто е работодавач, бидејќи 99% од државната управа има склучено колективни договори со Владата“, истакна Стојаноски.

Тој посочи дека усогласувањето на минималната плата треба да се направи преку социјален дијалог меѓу синдикатите и работодавачите, во рамки на двопартитен договор.

„За нас, ете и за мене лично, оној став дека најдобрата плата е таа која што ќе биде реално исплатена, е едноставно најдобра плата, бидејќи на крајот од денот работниците треба таа плата и да ја примат. Ние можеме тука да лецитираме со бројки коишто сметаме дека можеби се примамливи, но на крајот од денот треба да гарантираме дека тоа коешто ќе го кажеме, носиме одговорност и дека ќе биде исплатено“, рече пратеникот Стојаноски.