Денес во Собранието на Република Македонија ќе се разгледува финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика. Оваа Комисија треба да е независно тело кое ќе го регулира пазарот на енергенсите, но тоа не е случај кај нас. Членовите и претседателот на оваа комисија се партиски членови на СДСМ и ДУИ кои бранејќи ги криминалите на врхушката во ЕЛЕМ и МЕПСО одлучија цената да ја платат граѓаните, реагира денес Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Во овие моменти Република Македонија се наоѓа во енергетска криза и криза во снабдувањето со топлинска енергија, две кризи кои се директно поврзани со работата на Регулаторната комисија за енергетика. Во надлежност на оваа комисија е следење на состојбите и функционирањето на пазарите на енергија, а сведоци сме како месеци наназад истите луѓе од РКЕ не убедуваа дека нема да има покачувања на цената на струјата, дека државата ќе обезбеди струја, дека ќе жителите на Скопје нема да имаат проблеми со парното и ред други лаги кои сега сите ние ги осеќаме по џебот. Каков финансиски план нуди регулаторната комисија за енергетика за 2022 година? Најмногу пари досега што ќе ги земе од енергетските компании, речиси 91 милион денари или 5500 дневно за функционирање на оваа институција во која платите на членовите се речиси 150 илјади денари месечно. Со овие пари ќе плаќаат 33% поскапа струја, со што самата институција задолжена за регулирање на овој пазар признава дека државата е во тешка криза. 4 милиони денари за службени патувања во услови кога најголемиот број состаноци се одржуваат онлајн, по 5400 евра месечно за авторски хонорари и консултатски услуги при 50 вработени во оваа институција, за кафиња ќе се трошат по 80тина евра дневно и бројни други нелогичности во финансискиот план за 2022 година на Регулаторната комисија за енергетика, истакна тој.
Стојаноски потенцира дека Регулаторната комисија за енергетика откако на власт е двоецот СДСМ – ДУИ комотно може да го смени своето име во Комисија за поскапувања.
-За потсетување, струјата од 1-ви јануари поскапи по трет пат и за само 18 месеци плаќаме над 30% повисока струја од претходно. За горивата да сведоци сме дека секој понеделник чекаме колкаво ќе биде покачувањето или пак кога цената на нафтата е пониска на светските берзи власта ја зголемува акцизата. Цената на парното се покачи за 15%, но корисниците на оваа услуга велат дека радијаторите им се ладни како никогаш досега. Почитувани, Комисијата за поскапувања нема кредибилитет и знаење за да не извади од оваа енергетска криза во која не втурна. Луѓето кои ја создадоа кризата, не можат да се претставуваат како решение. Потребни се промени пред да влеземе во уште поголеми проблеми, порача тој.