Вештачката интелигенција и дигитализацијата ќе ги унапредат јавните набавки и ќе ги намалат ризиците од корупција, порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на собраниската расправа за измените на Законот за јавните набавки.
Тој зборуваше за корекцијата на законот по укажувањата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
– Имено со овој амандман предлагаме членот 13 да се избрише и амандманот се предлага во врска со укажувањата на претседателката на републиката. Овој закон директно се носи заради новонастанатите услови во светот по геополитичката реалност и заради тоа што се нефункционални сегашниве услови на законот. Неколку пати овој закон се менува од кога ова владеачко мнозинство е во Собранието, и претходниот пат за првпат во историјата беше искористен инструментот антикорупциска проверка и сето она коешто Антикорупциската комисија го достави до Собранието ние го прифативме и го внесовме. Така да со бришењето на овој член комплетно ги прифаќаме указите од претседателката и сметаме дека непречено овој закон може да продолжи во својата постапка да биде усвоен и да го олесниме системот и да го направиме попрактичен, позаконски, потранспарентен и поцелоисходен за целата државна управа – рече Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски истакна дека измените на Законот за јавните набавки се дел од Реформската агенда и имаат за цел унапредување на системот преку воведување дигитални алатки и вештачка интелигенција.
– Овој закон е дел од Реформската агенда, активност којашто треба да се спроведе. Се дополнуваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигитални алатки и вештачка интелигенција како инструменти за подобрување на процесот на јавни набавки и намалување на ризиците од корупција и други злоупотреби. Зошто на крајот од денот се носи овој закон? За да се поттикне реализацијата на проектите и оваа држава да оди напред. Еве ова е Државен завод за статистика градежништво. Тука можете да видите споредба помеѓу 29 квартали на СДСМ и 8 на ВМРО-ДПМНЕ, да видите која е разликата и зошто овој закон се менува. Кога ќе ги соберете сите 29 квартали на СДСМ, 14 се негативни, 15 се позитивни, а кај ВМРО-ДПМНЕ 8 квартали, 8 позитивни. Плус 14,1 просечен квартален реален раст на градежништво, а СДСМ во 29 квартали минус 0,2. Има вештачка интелигенција, има усогласување со планот за раст и на крајот од денот има логички работи коишто ќе го подобрат системот на распишување на тендери, на јавни набавки – рече Стојаноски.
