Владата предводена од ДУИ продолжува со уништувањето на македонската економија со воведување на нови даноци и зголемување на постојните. Македонија е држава со најнизок економски раст во регионот, со една од највисоките стапки на инфлација во Европа, со ниски странски директни инвестиции, со нарушен животен стандард и масовно бегање на граѓаните од државата поради лошите политики на власта, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Денес во Собранието на Република Македонија пристигнуваат три „европски“ закони од таканаречената даночна реформа која што е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Владата нема слух за апелите на ВМРО – ДПМНЕ дека ДДВ на храната треба да се намали на 0%, а ДДВ на струјата да биде 5% се додека инфлацијата не се врати во нормала. Напротив, очекувајте зголемено ДДВ од 10% за одредени прехранбени производи. Со месеци ја бараме листата на производи кои ќе ги поскапат, но сеуште е недостапна за јавноста. Дополнителна честитка за граѓаните со законот за ДДВ е поскапувањето на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18% наместо моменталните 5%. Изминативе години дозволија да се соголат планините, а граѓаните да се смрзнат ако немаат да платат по 5000 денари за метар кубен огревно дрво. Тоа не им беше доволно и сега го зголемуваат и данокот за пелетите. На што да се греат граѓаните во зима? Со данокот на добивка се уништува спортот со укинувањето на спортските ваучери. Апелираме власта да го презентира новиот модел за финансиска поддршка на и онака кревкиот спорт пред да го укине постојниот модел за донации од 10тина милиони евра годишно. Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата ги фати во криминал раководствата на Агенцијата за млади и спорт, ама одговорност нема. Дополнително, покрај постојните казнени одредби од законот за данок на добивка, УЈП ќе има можност и за дополнителни пенали за фирмите кои ќе бидат петкратно поголеми од износот на инвестициите за кои инспекторот ќе смета дека се непотребни. Преголемо дискреционо право кое власта и те како ќе го злоупотреби, а ефектот ќе е намалени инвестиции поради страв репресија, вели Стојаноски.

Тој додава дека третиот закон кој власта сака да го донесе се однесува на т.н. данок на солидарност. Власта бара компаниите да се солидарни, а во исто време немилосрдно троши, нема фискална консолидација и се бори со сивата економија само на хартија. Понатаму, ликвидноста на компаниите е сериозно нарушена и наметнувањето на ваков данок дополнително ќе ги отежни и онака тешките и неизвесни услови во кои делуваат. Законот не ги зема во предвид ефектите од инвестициите, истражувањето и развојот на компаниите во минатото кои вродиле со зголемени добивки, а пораката што власта ја праќа до стопанството гласи „успешните ќе бидат казнети“. Дополнително, стопанските комори и советот на странски инвеститори се изјаснија против ваквото ад хок решение кое создава несигурност кај инвеститорите.

„Трите закони не се реформа, туку зголемен даночен товар за граѓаните и стопанството. Во трите закони нема ништо европско за повторно да го злоупотребат европското знаменце. Сакаат на брзина да протнат закони од личен интерес, како и многупати досега. Оваа гарнитура на власт единствено нешто за што е способна е зголемувањето на даноци и репресија. Како пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција за обнова на Македонија ветуваме дека ќе ги искористиме сите деловнички можности за да ги разубедиме колегите преку јавна и стручна расправа со сите заинтересирани страни дека со овие закони штетата по македонската економија и животниот стандард на македонските граѓани е огромна, вели Стојаноски.