Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ поднесе повеќе закони во текот на оваа недела кои се во интерес на граѓаните, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение неговата изјава
Со првиот закон бараме Владата да се откаже од идејата сметките за струја да се покачат за 5% од Нова година, односно за речиси 13% од 1 јули 2023та година. ДДВ за електричната енергија за домаќинства да продолжи да биде 5% во текот на целата идна година, а власта нека намали со купувањето струја од сомнителни фирми, нека се справи со криминалот и корупцијата која извира од АД ЕСМ и ќе може граѓаните и во иднина да плаќаат иста цена на струја која и онака е висока. Домаќинствата секој месец преку сметките за струја го плаќаат криминалот, корупцијата и неспособноста на Димитар Ковачевски, Крешник Бектеши и Васко Ковачевски.
Вториот закон се однесува на мерката Викенд без ДДВ. Предвидуваме секој викенд додека трае кризната состојба, а тоа е 30-ти април 2023та година, за купените прехранбени производи граѓаните да добијат целосен поврат на платениот ДДВ. Државата прибира огромни средства по основ на зголемени цени, ред е да им помогне на граѓаните. Не бараме премногу, само данокот за храната да го вратат кај граѓаните. Само шака луѓе од Влада ќе купуваат ајкули, делфини и китови, сите останати ќе купуваме леб, зејтин, млечни и сувомеснати производи итн.
Со третиот закон бараме износот на субвенција за студентскиот оброк да се зголеми од 120 на 160 денари. Инфлацијата кај храната е 30% и повеќе од неопходно е да се зголеми овој износ. Загрижувачка е веста дека само оваа академска година 800 студенти од Македонија се запишале на Универзитетот во Љубљана. Неквалитетното високо образование и катастрофалниот студентски стандард се причините за ваквите одлуки на студентите. Човек да помисли дека власта намерно го уништува високото образование за младите да се мотивирани да се иселуваат.Ја повикуваме власта и мнозинството да ги прифатат овие предлог закони без дополнителни игри и одлагања. Крајно време е граѓаните да бидат приоритет на власта, наместо криминалот, корупцијата и расипништвото.