Задолжувањето е апсолутно неиздржливо, 700 милиони евра буџетски дефицит при идеални услови на исполнување на буџетските приходи за кои знаеме дека секоја година не се исполнуваат, буџетскиот дефицит ќе се зголемува имајќи ја во предвид економската активност на владата и падот на индустриското производството, седми квартал по ред пад на градежништвото кое е најсериозна гранка и сето укажува дека до крај на годината ќе треба да се задолжиме уште 900 милиони евра или вкупно 1,6 милијарди евра долгови кои ќе се генерираат како нови, изјави за „За или против“ на Алфа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Стојаноски истакна дека и покрај сите големи задолжувања оваа влада не изгради капитална инвестиција од материјално добро што ќе го видат граѓаните, нешто што од нашите пари се изградило и ќе допринесе за некаков принос во економијата.

– Се нема започнато ниту еден автопат, смешно е да се коментира за 1.300 километри патишта, не постои човек кој им верува во тоа, не се мрднати проектите во железницата, ниту во здравството, нема Клинички центар, ќе се плаќаат пенали, а само се задолжуваме. Не може да се заврши еден автопат од Скопје до Блаце, да не се зборува за Кичево- Охрид, рече Стојаноски.

Во однос на еврообврзницата, Стојаноски истакна дека треба да знаат македонските граѓани дека повторената постапка ќе ги чини милиони.

– Ова не е симболична бројка, ова ќе ги чини нив неколку милиони ќе чини ова, а што правиме со трошоците кои се номинални како тие за лоби куќите и лобистите, така да ова не може да се прокоментира поинаку освен како катастрофа и некој треба да понесе одговорност во оваа државата, рече тој.

Стојаноски посочи дека првиот пат еврообврзница не беше издадена, заради чисти административни причини, односно заради тоа што во владата никој не му кажал на премиерот или на министерот за финансии дека постои протокол кој треба да добие потпис од министерот за правда кој стигнал 5 денови откако тогашниот министер за правда Тупанчевски бил разрешен

– Постои можност самиот премиер да го потпише тој указ но Ковачевски одбил, јас на пратенички прашања прашав зошто одбил тоа да го направи и второ дали некој ќе понесе одговорност ако при повторното издавање каматата биде повисока, како што е сега, Стојаноски.