Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека неодговорноста и арогантноста на владата е причина за паниката со горива.
Почитувани,
Неспособноста и арогантноста на СДСМ веќе почна да го зема цехот и да создава хаос и паника кај граѓаните.
Имено, во текот на вчерашниот ден целата македонска јавност беше сведок на паниката и стравот кој што се создаде кај граѓаните. Бевме сведоци како граѓаните панично на бензинските пумпи се обидуваа да ги наполнат своите резервоари и залихи поради стравот од драстично покачување на цената на горивата.
Токму неодговорното и несериозното однесување на Владата предводена од СДСМ е директен виновник за големите гужви и колони кои што вчера се создадоа на бензинските пумпи ширум Република Македонија. Очигледно, игнорантскиот и незаинтересиран однос на Владата влева огромна несигурност и недоверба кај граѓаните. Од вчера е јасно дека народот повеќе ништо не и верува на Владата.
Имено, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ постојано предупредувавме дека ќе дојде до ова, но во СДСМ немаа слух и упорно тераа инает.
До ова немаше да дојде и можеше да биде спречено, само ако СДСМ се надминеше себе си и го прифатеше Предлог законот за намалувањето на акцизите за горивата за 50% кој што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го поднесе во Собранието.
Токму СДСМ и нејзините пратеници го одбија овој наш предлог и не сакаа да го спречат и да го ублажат драстичното покачување на цените на горивата. Да го прифатеа нашиот предлог на закон, цената на бензинот веќе ќе беше 13 денари поевтин, а цената на дизел горивото ќе беше 9,5 денари поевтин.
Но, СДСМ како и секогаш, така и сега, го одби предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин, свесно не превзема апсолутно ништо за да ги спречи и намали последиците од зголемувањето на цената на горивата.
Тоа е вистинското лице на СДСМ. Тоа е ароганцијата и дрскоста на владејачкото мнозинство. Нив не ги интересираат проблемите и барањата на граѓаните и стопанството. За жал, самобендисаноста на СДСМ, скапо ја плаќаме сите граѓани на Република Македонија.
На крајот, покачување на горивата со сигурност ќе има и овој пат тоа ќе биде поголемо отколку во претходните девет понеделници. Токму затоа уште еднаш ги повикуваме пратениците од власта да се надминат себе си и да го прифатат нашиот предлог со кој што ќе се ублажи престојното зголемување на цената на горивата. Ги повикуваме уште денес да закажат седница каде што сите заедно ќе го изгласаме овој предлог на закон.
Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.