Односите меѓу Македонија и Бугарија се во многу тешка состојба, а блокадата од источниот сосед во евроинтеграциите на нашата земја не е изненадување, смета академик Стојко Стојков. Тој потенцира дека секоја евентуална отстапка би водела кон нови отстапки и затоа Македонија мора да остане цврста.
„Односите меѓу Македонија и Бугарија се во многу жална состојба. Но, тоа е нешто што се очекуваше и коешто со децении се ‘билда’“, истакна Стојков на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде присуствуваше на свечениот Наставно-научен совет по повод неговиот избор за член на МАНУ надвор од работниот состав.
Академикот, кој живее во Сандански и е универзитетски професор по историја, додаде дека Бугарија одамна е предвидлива како блокатор на евроинтеграциите на Македонија.
„Тоа се знаеше уште пред 20 години, не е ништо ново. За жал, многу политичари си ги затвараа очите. Сега Македонија нема кој знае каков избор, освен да се бори. Нема друг избор, бидејќи какви било отстапки ќе водат кон нови отстапки, и тоа нема да има крај. Додека не се смени политичката рамка, којашто сега постои во Европа и во односите Бугарија-Македонија, јас не мислам дека може да се очекува сериозен прогрес“, рече Стојков.
На прашањето за улогата на Историската комисија меѓу двете земји, Стојков смета дека создавањето на ова тело било „голема грешка“:
„Не требаше тоа да се случи. Тоа беше огромна грешка на луѓето што преговараа и го потпишаа договорот со Бугарија. Од позиција на сила, членка на ЕУ се обидува да ја принудува Македонија да го менува образованието на македонските деца по историја, и преку тоа да го смени идентитетот. Од 2009 година па до денес, сите бугарски претседатели и многу политичари јасно ја издигаа лозинката: Македонија во Европа ‘Да’, македонизмот ‘Не’. Тоа значи Македонија нека влезе, но без македонски идентитет. И тоа се обидува Бугарија да го направи“, истакна Стојков.
Тој додаде дека ќе продолжи да се бори за правата на Македонците во Бугарија, за нивните здруженија и организации, како и за признавање на македонското малцинство, што би помогнало во решавањето на дел од проблемите меѓу двете земји.
Академикот истакна дека изборот за член на МАНУ надвор од работниот состав го смета за голема чест и признание за неговата работа:
„Признание за се што имам направено досега. За работата на Факултетот за образовни науки, за истражувањето на историјата на македонското малцинство во Бугарија и за книгите што сум ги издавал. Мене ми е чест да се придружам на нивниот ранг, како Ѓорѓи Поп Атанасов и покојниот Иван Катарџиев“, нагласи Стојков.
Тој додаде дека како член на МАНУ ќе продолжи да работи во ист правец, но со поинтензивно темпо, носејќи морална обврска да вложи уште повеќе труд во истражувањето и заштитата на македонскиот идентитет.
