Што се случува во Старата скопска чаршија? Ќе потсетам дека е заштитена како културно наследство од особено значење од 2008 година и подразбира степен на заштита и механизми за реставрација и зачувување на автентичната состојба. Меѓутоа изминативе години гледаме дека се случуваат неубави слики, се менува ликот и се загрозува степенот на заштита, прашува пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска на денешната седница за пратенички прашања.

Таа истакна дека никнуваат згради кои не содејствуваат со архитектурата на чаршија, а пред неколку месеци објектот Шар, култен објект кој е срамнет со земја, а на негово место се гради нов објект.

– Чаршијата се уништува, се губи едно од најатрактивните места во Скопје, а не се отворени ни музеите на скопско Кале. Зошто нема никаква реакција, зошто се гради објект кој никој не знае како ќе изгледа, прекршени се закони, рече таа.

Стојкова Серафимовска исто така посочи дека Ковачевски и министерката за култура беа во Љубојно, каде ветија центар за македонски јазик, во второто училиште во Македонија, и потсети дека и Зоран Заев како премиер се пофали со реконструкција и дека се издвоени пари кои никој не знае каде се.

Првото училиште во Македонија започнато со работа 1943 година е во кичевско Подвис и ништо не е направено, и покрај што има елаборат, првото школо е со руинирана зграда. За второто школо во 2020 година тогашниот премиер Зоран Заев објави дека ќе се реконструира училиштето во Љубојно и за тоа се одвоени 30 милиони денари. Моето прашање за Ковачевски е каде отидоа тие 30 милиони денари кои владата ги одвои во 2020 година за истата намена за која сега се вели ќе се одвојат 163 милиони денари?