-За Буџетот за 2022 година пратениците од Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија поднесоа десетици Амандмани кои се однесуваат токму на подобрување на животната средина, почист воздух, енергетика и помош на граѓаните и компаниите во справувањето со енергетската криза која веќе започна и допрва ќе се влошува. Сите овие Амандмани беа направени во соработка со експерти, како и со претставници од граѓански организации чија дејност е од соодветните области. Меѓу поднесените Амандмани се и оние за промена на начинот на загревање на здраствените и образовните институции од нафта и мазут на гас или топлински пумпи со фотонапонски панели, поставување на соодветни филтри на автобусите и градежните машини, поставување на плински уреди за 10 000 возила и многу други, вклучително и финансиски средства за АД ЕСМ со цел да не се промени цената на електричната енергија за домаќинствата и амандман за ваучери за компаниите со цел покривање на дел од сметките за електрична енергија кои се за неколкукратно повисоки од претходно, истакна таа.
Пратеничката потенцира дека за жал, и покрај тоа што власта постојано се промовира како граѓански ориентирана, се чини дека тоа го прави само декларативно на хартија и на прес конференции бидејќи во реалноста, конретно во креирањето на државниот Буџет за 2022 година, поголемиот дел од овие Амандмани беа одбиени од страна на Министерството за финансии и неизгласани од страна на пратениците од власта. Најчестото образложение за тоа беше дека за овие предлози веќе има издвоено средства во владината програма „Зелен развој“.
-Програмата „Зелен развој“ е воведена во 2021 година и за истата биле определени 11 000 000 евра за проекти од областа на екологијата, животната средина и енергетика. Тоа беше планот, но реализација нема бидејќи таква програма во 2021 година ниту се донесе, ниту се објави, ниту пак се реализираше. Притоа, парите од граѓаните се потрошени, но никој не знае каде и за што. Загрижува тоа што во Буџетот за 2022 година повторно се појавува ставката „Зелен развој“ за која овој пат се предвидени 1 700 000 000 денари или скоро 28 000 000 евра. Уште повеќе загрижува тоа што повторно, и за оваа сума, нема никаква програма, односно нема никакви дополнителни ставки кои ќе се однесуваат на одредени проекти. Образложението за ова е дека Владата Ќе ја донесе програмата за „Зелен развој“ по донесувањето на Буџетот за 2022 година. Почитувани граѓани, тоа значи дека ние, како пратеници и преставници на народот и народната воља, треба да гласаме за одобрување на средства за Програма која не ја знаеме, а која се однесува на основното човеково право на чист воздух и чиста животна средина која не препознава политички партии. Парадоксално е да се гласа на слепо за нешто кое е од животно значење за сите нас. Затоа апелираме до сите пратеници во Собранието на Република Македонија заеднички да побараме од Владата во најкус можен рок, поточно пред почетокот на собраниската расправа за Буџетот за 2022 година, да ја достави Предлог програмата со наслов „Зелен развој“ за која се предвидени 28 милиони евра. Со оглед на тоа дека оваа мистериозна програма се однесува на најважното нешто, а тоа е здравата животна средина и чистиот воздух, граѓаните имаат апсолутно право да знаат каде и како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени, порача Стојкова Серафимовска.