БРИСЕЛ – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека украинската контраофанзива се уште е во почетна фаза и дека не знае дали тоа ќе биде пресвртница во војната.
„Колку повеќе Украина напредува, толку посилна ќе биде на преговарачката маса“, рече Столтенберг на прес-конференција, пренесе Ројтерс.
Тој изјави дека очекува министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО на состанокот во четврток да се договорат за формирање нов поморски центар на Алијансата за безбедност на критичната подморска инфраструктура.
„Центарот ќе ја зголеми нашата свест за ситуацијата и ќе го подобри нашето присуство на море кога станува збор за одвраќање и одбрана“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека алијансата треба да направи повеќе за стандардизација на муницијата и опремата.
„Од минатата есен, работиме на тоа како да го зголемиме одбранбеното производство. Стандардизацијата е клучна одговорност на НАТО. Треба да направиме повеќе во овој поглед“, рече Столтенберг.
Зборувајќи за кандидатурата на Шведска за влез во НАТО, генералниот секретар на алијансата рече дека е постигнат одреден напредок за време на разговорите во Турција.