Советот на Општина Ѓорче Петров ги осудува дезинформациите и политичките манипулации

Советот на Општина Ѓорче Петров јасно ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.

„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти“, порача Стојкоски. Тој додаде дека свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. „Тоа не е политика – тоа е неодговорност“, истакна градоначалникот.

Градоначалникот Стојкоски повика на одговорен јавен говор

Мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, усвои заклучоци кои го потврдуваат ставот: нема мигрантски кампови во општината, не е побарано ниту договорено прифаќање мигранти и нема да биде дозволено трајно сместување на мигранти.

„Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани“, нагласи Стојкоски и ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.

Во заклучоците на Советот се потенцира: осудуваат лажните информации и политичките манипулации, дезинформациите создаваат паника и несигурност, се потврдува јасна политика против нелегалната миграција, се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност и се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.

Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните.