На телевизија Алфа во емисијата „За или против“ вечерва гостуваше кандидатот за градоначалник за општина Карпош, Сотир Лукровски кој на самиот почеток на емисијата дискутираше за неговиот противкандидат за општина Карпош и објасни дека во Карпош има два фронта, едниот е фронтот на потрошени играчи, непринципиелни коалиции, и луѓе кои сите овие години ги распродаде парковите во Карпош, и фронт-опција која ќе ја врати довербата во граѓаните.

„Водам со 1530 мислам гласови пред човекот кој во четири мандата бил градоначалник на општина Карпош, тоа зборува дека луѓето препознаваат во мене човек кој ќе внесе една новина, кој ќе донесе еден нов концепт, нови практики. Во Карпош имаме два фронта, фронт на потрошени играчи, фронт на непринципиелни коалиции, фронт кои не му мислат добро на граѓанинот, кој сите овие години ги распродаде парковите на Карпош, и имаме од другата страна една опција, која е во моментов добитничка, кон која јас верувам дека ќе се приклучат сите граѓани, и ќе направиме една опција која ќе ја врати довербата во граѓаните“, истакна Лукровски.

Лукровски објасни дека работата на сегашниот градоначалник не се чувствува во ниеден сегмент, и дека со неговото доаѓање ќе престане бетонизацијата и урбаното дивеење во Карпош.

„Господинот Јакимовски, е четири мандата, ова што е во последниве четири години, ние не ја чувствуваме работата на општината, на општинските тела, на комуналните служби, во било кој сегмент да допрете. Сотир нема да им донесе згради во парковите на соседите. Со моето избирање за градоначалник ќе престане целата бетонизација и урбаното дивеење во Карпош. Колку партии, колку функции, колку сојузи има направено за да остане на власт, 30 и повеќе години е човекот на државна функција. Бројките зборуваат, сите граѓани кои му мислат добро на Карпош, ќе ја дадат поддршката за оваа опција“, дециден е Лукровски.