Стопанската комора на  Македонија ја поздравува владината одлука со која листата на субвенционирани фирми за електрична енергија, ќе се прошири и со компаниите од месната индустрија.

-Владата ќе излезе во пресрет на барањето на Стопанската комора за проширување на списокот со дејности кои ќе бидат поддршани со мерката субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават час. Со новата Одлука за преземање мерка во услови на кризна состојба со електрична енергија, што според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде усвоена утре, покрај „одгледувањето живина“, ќе бидат додадени и шифрите на дејности за одгледување свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија. Оваа нова Одлука ќе овозможи сите што имаат фарми за одгледување животни и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат подеднакво третирани со мерките. Воедно, тоа ќе придонесе и за зачувување на сточниот фонд во земјата, наведува Комората и изразува јавна благодарност до Владата.

Стопанската комора воедно потсетува дека преку Кризниот штаб во изминатиот месец континуирано ги посетува компаниите од каде директно ги согледува состојбите.

-Компаниите одгледувачи на животни укажуваат дека работат во отежнети услови зашто сточната храна веќе е поскапена за 70 отсто, бележат екстремен раст на транспортните трошоци и на сметките за струја и сето тоа го доведува во прашање опстанокот на овие бизниси, информира Комората