Работниците тврдат дека неосновано се избркани од работа.
– На 11-ти сум била на работа, ме пуштија и ми рекоа дека ќе бидам на повик и вчера ми стигна отказ бидејќи на 16-ти не сум се јавила, а јас чекам повик. Секогаш било така, не само сега, изјави Македонка Данева, вработена во „Баргала“, која за четири месеци треба да оди во пензија.
Реакции имаше и од други работници.
– Не избркаа како кучиња! Не сме биле три дена на работа. А ние не три дена, три месеци не сме на работа, вели работничката Борка Стоиловска.
Сојузот на синдикати со став дека отказите на стотината работници ќе се најдат и пред Јавното обвинителство. Весна Кузманово-Тодоровска, претставник на ССМ, вели дека отказите на работниците им се дадени на незаконски начин.
– Од страна на претпоставените им било кажано да не доаѓаат на работа се додека не бидат повикани. Во конкретниот случај се работи за класична измама. Вчера поднесовме пријава до Државниот трудов инспекторат, а сега подготвувавме материјали да поднесеме пријава до Јавното обвинителство, рече Кузманова-Тодоровска.
Менаџерот на штипска „Баргала“ Наум Барзов изјави дека отказите не се поврзани со протестот, за ставот на синдикатот и на работниците не може да одговори, оти не ги знае деталите. Смета дека синдикатот не им ја објаснил на работниците докрај правната постапка.
– Тие немаа најавено штрајк, туку организираа протест, што е нивно законско право. Тие имаат право да ги користат сите правни механизими. Но по протестот беа повикани да се вратат на работа. Работниците тоа не го направија и бидејќи три дена последователно не се јавија на работа, според Законот за работни односи им врачивме отказ, изјави Барзов за МИА.
Кристина Ампева од НВО „Гласен текстилец“-Штип смета дека за овој случај мора да се смени и основот за отказот бидејќи на овој начин, работниците ги губат сите права што им следуваат во случај на невработеност.
– Урнек во целата постапка треба да им е пресудата на Основен суд–Штип, во која е наложено да се смени основот на отказот за една од двете работнички што пред неколку месеци добија отказ од „Баргала“, рече Ампева.