Блокиран сообраќај на Коридорот VIII поради свлечиште

Поради големо свлечиште и сериозни оштетувања на коловозот, како и поместување на мостот на делницата Либражд – Прењас, дел од Коридорот VIII, сообраќајот од граничниот премин „Ќафасан“ кон Албанија е целосно во прекин од неделата. Поради настанатата состојба, десетици камиони останаа заглавени на преминот, што предизвика дополнителни логистички проблеми.

Камионите пренасочени да возат преку Блато кај Дебар

До стабилизирање на состојбата на патниот правец граничен премин Ќафасан – Елбасан, на делницата Либражд – Прењас, донесена е одлука да се користат алтернативни гранични премини. Генералниот директор на Царинската управа на Албанија, Бесмир Беја, информираше дека стоката што влегува од македонска територија или од други земји преку овој премин ќе се обработува преку царинската испостава на граничниот премин Блато кај Дебар.

„Преземени се сите потребни мерки за задоволување на логистичките потреби и зголемување на царинскиот персонал, со цел справување со зголемениот проток и што побрзо завршување на царинските процедури“, рече Беја.

Ограничувања и координација со македонските власти

Беја нагласи дека по контактите со надлежните македонски институции наишле на целосно разбирање за надминување на ситуацијата.

„Голема благодарност до македонските власти за разбирањето околу надминувањето на ситуацијата. Сакам да напоменам дека македонската страна ќе дозволи премин на натоварени камиони или приколки низ контролниот пункт Блато од 12 часот до 22:00 часот секој ден, додека нетоварени камиони ќе можат да циркулираат 24 часа. На овој царински пункт македонската страна не дозволува премин на прехранбени производи од животинско потекло и нафтени производи, категории што мора да поминат низ Косово“, нагласи Беја.