Од 2021 година има сеопфатна државна стратегија за борба против корупцијата, една од ретките која што ја усвои Собранието, но јасно е оти не е се до стратешките документи, туку е до праксата што се применува во институциите. Работата на обвинителството и особено на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е клучна во борбата против корупцијата. Не е реформа само да се донесат закони, да се сменат судии или да се проверува нивната работа и имот, реформа е кога ќе имаме судии со интегритет и кога македонскиот правосуден систем ќе испорача ефикасна и ефективна правда еднаква за сите.
Ова е заклучокот од завршната конференција „Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022): Достигнувања, научени лекции и препораки“, во организација на Блупринг групата.
Директорката на Институт за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска, рече дека е очигледно оти постои грижа кај партнерите однадвор за она што е постигнато во контекст на борбата против корупцијата, посочувајќи дека ние ги имаме бројните институции веќе многу време и дека се очекува многу посеопфатно да се бори државата со овој проблем од она што е во моментов случај.
– Ние немаме доволно бројки на високо профилирани случаи против корупција, често пати затајуваат процесите и во однос на должината. Не само од американската амбасадорка, чувме сигнали и од многу други амбасадори, дека оваа пракса треба да се промени, порача Кацарска, одговарајќи на новинарски прашања.
Стратегијата за реформи во правосудството, според Кацарска, веројатно придонела да утврдиме дека и во делот на правосудството, па и во борбата против корупцијата легислативата постои, но сепак ние мораме да си ја креираме внатре праксата и нашите правила согласно најдобрите практики од ЕУ.
За тоа што треба да биде сменето при носењето на новата стратегија, Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, смета дека критиките првенствено треба да бидат слушнати и за да лоцираме каде точно во праксата ние имаме проблеми со корупцијата и кои се изворите на проблемите со корупција во судството.
– Откако ќе се увидат тие состојби потребно е креирањето нова стратегија да биде многу потемелно, да биде многу посоодветно планирањето изведено и да се посвети внимание на тој процес за да не се доведеме во ситуација повторно да имаме некаква стратегија или реформи кои во праксата нема да дадат никаков видлив резултат, изјави Аврамовски.
Еден од проблемите, посочи Аврамовски, е што ниту една институција не сака да преземе одговорност при што проблемите за корупција секогаш ги гледа како екстерни фактори коишто доаѓаат од надвор и неминовно влијаат врз нив.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, рече дека Советот има механизми да се бори против коруптивните дејствија, доколку ги констатира, но за тоа треба да има докази и факти, посочувајќи дека тоа мора да им го овозможат граѓаните.
– Странките се тие коишто можат да ни кажат дали одреден судија примал и земал мито, поткуп итн. Тоа досега, барем јас додека сум член на Судскиот совет, не било поткрепено со докази. Најчесто се тие паушални наоди и во случаи кога се паушални, Судскиот совет доставил известување до ЈО за да ги испита и провери таквите наводи, изјави Дамева.
Судскиот совет има донесено одлука за разрешување на судија поради коруптивно дејание, меѓутоа како што посочи Дамева, тоа е од поодамна и нагласи дека во наредниот период ќе преземе поригорозни мерки во насока на расчистувања на таквите дејствија и онаму каде што има законска надлежност ќе постапува, а во останатиот дел ќе ги процесира случаите до надлежните институции.
Во наредниот период, посочи таа, резултатите на Судскиот совет ќе бидат повидливи за јавноста, бидејќи транспарентноста ќе биде позголемена.
Според неа, не е реформа само да се донесат закони, да се сменат судии или да се проверува нивната работа и имот, реформа е кога ќе имаме судии со интегритет и кога македонскиот правосуден систем ќе испорача ефикасна и ефективна правда еднаква за сите.
– Граѓаните треба да го почувствуваат Судскиот совет како близок орган на кој може да пријават и кажат одредени проблеми во судството и затоа сметам дека во наредниот период ќе мора да ја доближи работата до јавноста, изјави Дамева.
Како претседател на Судски совет, Дамева, посочи дека приоритети ќе биде што побрзо да заврши процесот со оценувањето на судиите и да биде извршен избор на судии, со оглед дека состојбата во судовите во изминатиот период во однос на кадар е повеќе од загрижувачка.
– Верувам дека ќе успееме час поскоро да избереме судии и претседатели на Судови кои постигнале најдобри резултати, совесни, со интегритет, кои одговорно и чесно си ја работат својата работа, изјави Дамева.
Во однос на скринингот во Брисел, Дамева рече дека генерално забелешки по работата на Судскиот совет немало, но имало интерес и барања за статистички податоци за поведени постапки и дисциплински мерки.
Претседателот на Совет на јавни обвинители Антонио Јолевски, пак, рече дека работата на обвинителството и особено на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е клучна во борбата против корупцијата (ОЈО ГОКК) и смета дека тоа обвинителство ќе треба малку повеќе и поинтензивно да работи.
Според Јолевски, резултатите ќе се видат кога ќе почне да се отвораат предмети, нагласувајќи дека тоа е подолг процес и не може веднаш да се видат резултатите.
– Треба да се започнат постапките и треба да се отворат предмети онаму каде што е очигледно, онаму каде што веќе има индиции да ги проверат сите тие наводи и не ни треба нас само од странство да ни кажат, ние самите знаеме за многу места, ги слушаме и од вас медиумите и сметам дека тоа обвинителство ќе треба сега малку повеќе кога има веќе и шеф тоа обвинителство да започне поинтензивно да работи на тие предмети, изјави Јолевски.
Борбата против криминалот и корупцијата, посочи, е работа на сите обвинителства, меѓутоа организираниот криминал е исклучиво во надлежност на тоа обвинителство, додека останатите обвинителства во рамките на своите надлежности ќе треба на локално ниво да ги расчистат оние работи кои тие ги имаат во своите средини.
– Ние не зборуваме за одделни случаи. Во оваа држава ние зборуваме дека постои организиран криминал на повисоко ниво, односно на сите нивоа и затоа секој во рамките на своите надлежности би требало да започнат борбата со корупцијата и со криминалот, изјави Јолевски.
Прашан што досега е направено, тој кажа дека и досега имало и се работело на такви предмети, но проблемот е колку од нив јавноста ги дознала и колку треба обвинителството да се отвори во делот на транспарентност за да објасни по кои предмети и каде учествувало.
– Сметам дека треба и обвинителството малку да поработи на транспарентност за да се запознае јавноста дека не е ова проблем само сега, туку и дека порано се работело на такви предмети, изјави Јолевски.
Перцепцијата на јавноста и странскиот фактор, според него, делумно е и заради затвореноста, посочувајќи дека сепак, јавноста не знае и за она што работи обвинителството.
Во идниот стратешки план, смета тој, под итно треба да се измени организациската поставеност на судовите и обвинителствата, со што точно ќе се знае колку кадри имаме и колку ќе бидат потребни.
Со тоа, според Јолевски, ќе се избегне да имаме како сега судови во подрачја со шест-седум илјади жители, каде нема предмети и нема никаков интерес, а од друга страна има судови кои се преоптоварени.
Во однос на забелешките од скрининг процесот во Брисел за работата на Советот на јавни обвинители, Јолевски рече дека се однесува на транспарентноста и делот на изборот и унапредувањето на јавните обвинители.
– Се бара од нас да има образложеност на одлуките во делот на изборот и на разрешувањето. Забелешките за изборот и унапредувањето беа зошто не се дебатира, па ние во новата Стратегија треба тоа да го подобриме. Можеби би требало да размислиме за давање на некакво образложение во самата одлука, за да можат самите кандидати да утврдат и се уверат дека изборот бил непристрасен и според мерит систем. Во овие два правци беа забелешките во Брисел, изјави Јолевски.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција одговарајќи на прашање во врска со корупцијата и соработката со САД, рече дека земјата има функционални институции и дека треба да се работи на сузбивање на корупцијата, како и дека во изминативе 30 години ние за тоа сме имале меѓународна помош. Ова, според него, е дел од една стратешка соработка што Северна Македонија ја има со САД.
– Ние на ова гледаме како на продолжување на партнерскиот однос којшто го имаме со САД со цел градење на држава која ќе стане земја членка на ЕУ, а со самото зачленување во ЕУ владеењето на правото и борбата против корупцијата се издигаат на највисоко ниво, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека во моментов во Европарламентот се води огромна антикорупциска истрага, каде што на дело се потврдува корупција и борба против во центарот на ЕУ.