Трагедија во центарот на Охрид – „Волксваген Голф“ излетал од кружен тек и удрил во пешаци

Трагична несреќа во Охрид. Смртна сообраќајна несреќа се случи вчера околу 22 часот на булеварот „Туристичка“ во централното подрачје на Охрид, при што животот го загуби 44-годишна жена. Таа била прегазена од патничко возило додека се наоѓала на тротоарот, во близина на поранешниот Мини Маркет.

„Голф“ пробил ограда и завршил на пешачка зона

Според првичните податоци, несреќата се случила кога автомобил „Волксваген Голф“ со охридски регистарски ознаки преминал директно преку кружниот тек, ја пробил заштитната метална ограда, изгубил контрола и завршил во пешачката зона. Притоа, автомобилот удрил во двајца пешаци – жена и нејзиниот сопруг.

Жената починала од здобиените повреди

Тешко повредената жена била итно пренесена во болница, но, за жал, подлегнала на повредите. Нејзиниот сопруг, кој исто така бил повреден, добил медицинска помош и потоа ја напуштил болницата со полесни повреди.

Причините за несреќата под истрага

Точните околности и причините кои довеле до оваа тешка сообраќајна несреќа се сѐ уште предмет на официјална истрага. Надлежните институции работат на расветлување на случајот, а јавноста очекува одговори за оваа трагедија која го потресе Охрид.

Извор: Курир