Полицијата казни 772 возачи за брзина, алкохол и нерегистрирани возила.

Во рамките на вчерашните сообраќајни контроли ширум земјата, полицијата регистрира сериозни прекршоци меѓу возачите, при што девет лица завршија во притвор. Двајца од нив биле под дејство на алкохол над 1,5 промили, додека седум возеле со брзина над дозволената, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Вкупно, во текот на контролите издадени се 772 платни налози. Најголем дел од нив, 540, се изречени поради непочитување на ограничувањата на брзината.

Дополнително, полицијата евидентирала 41 прекршок за неправилно паркирање, 50 лица управувале возила без возачка дозвола, а 28 возачи биле под влијание на алкохол над законски дозволеното ниво.

Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се и 14 возачи на мотоцикли кои не носеле заштитен шлем, 9 лица за користење мобилен телефон при возење, како и 16 возачи или совозачи кои не користеле сигурносен појас. Казнети се и еден пешак и четворица возачи кои минале на црвено светло.

Согласно Законот за возила, 13 возила биле отстранети од сообраќај поради тоа што биле нерегистрирани, а 2 заради техничка неисправност, информира МВР.

Контролите продолжуваат со цел зголемување на безбедноста на патиштата и превенција од сообраќајни несреќи.