Васко Јолески, самостоен препаратор во струшкиот музеј, појасни дека прават смеса од повеќе препарати, согласно ЕУ стандардите, за да ги уништат сите штетници, кои може им наштетат на експонатите. Збирката, составена од околу 8000 изложени експонати со препарирани животни, птици и инсекти, претставува уникатен презентер на природното и културното наследство за регионот на Охридското Езеро. Порано против штетници прскале надоврешни соработници, но последните години тоа го прави стручен тим на Музејот.
– Во минатото надоврешни соработници вршеле прскање против молци, крлежи, вошки, болви…, но последните години сами ги третираме со препарати, кои ќе превенираат против овие инсекти, посебно молецот кој е најопасен за збирката и е најтежок за сузбивање. Водиме грижа да се запазат и ЕУ стандардите, бидејќи многу од пестицидите што се користеле порано, сега се забранети, појасни Јолески.
Во своето работење и истражување заклучил дека мовта е многу штетна за експонатите и планира да направи промена во изгледот на диoрaмите со доловување на природната средина на секое животно.
– Кога ги декорирале диорамите во минатото користеле многу мов и онаму каде што не е потребно, а мовот многу им штети на експонатите. Се случуваше патките да пливаат во мов, што е несвојствено ниту за нивната природна средина. Сакам да го променам тоа и максимално да ја доловам природната средина на секое животно. На пример патките, лебедите и другите птици да стојат во импровизирана вода, блато или трски соодветно на природната средина во која живеат. Витрините да ги прилагодам најблиску што може да се долови природниот изглед со помош на 3Д ефекти, постери, внатрешно осветлување…, вели Јолески.
Музејот на познатиот руски доктор Николај Незлобински е сместен во мала трошна барака, изградена во далечната 1938 година, речиси еден век ги чува тајните на богатата флора и фауна во и околу Охридското Езеро, во Струга и Струшко. Стружани се со надеж дека во најскоро време институциите ќе помогнат во изнаоѓање решение за санација на лошите услови во кои се наоѓа објектот, каде при најмал дожд прокапува, ѕидовите се влажни, а влагата им штети на експонатите.