Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува големо зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата по 1 јануари следната година.
„Моменталната производна цена на електричната енергија на АД ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така. Веќе се преземаат соодветни мерки од страна на раководството на ЕСМ да се зголеми производството во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј“, рече Бектеши
Коментарите доаѓаат во услови кога цените на електричната енергија и на гасот во Европа бележат голем раст.
Македонските власти веќе и претходно најавија зголемено производство од термоелектраните на јаглен за да се избегне увоз на струја по енормни цени.
Бектеши додава дека е убеден оти до крајот на годината речиси ќе се дуплираат капацитетите на ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) во делот на производството од страна на термоелектраните.
Исто така Бектеши изјави дека е убеден дека тендерот за набавка на јаглен од странсво ќе биде успешен, дека ЕСМ има внатрешни законски процедури кои треба да ги спроведе за набавката, но дека веќе државата има искуство со ТЕЦ Осломеј за каде се набавува јаглен од Косово, истакна Бектеши.
Во Македонија во период од една година два пати беше поскапена струјата за домаќинствата. Еднаш во август 2020 година кога имаше зголемување за 7,4 отсто, додека во јули оваа година за 12,3 проценти, но тогаш Владата го намали ДДВ-то од 18 на 5 отосто за да нема удар врз сметките на граѓаните.
Според податоците на АД Електрани на Македонија (ЕСМ), дневното производство на струја во моментов е околу 70 проценти од термоелектраните во земјава, 24 проценти од хидроелектраните и 8 отсто ветерници.
Земјата најмногу е зависна од производството на термоелектраните на јаглен кои се едни од најголемите загадувачи со сулфур диоксид и прашина. Само двата оџаци на РЕК Битола испуштаат емисии на сурфур диоксид од над 84 илјади тони годишно.