Шест студенти од студентскиот дом Пелагонија се затруле со храна. Со повраќање и болки во стомакот, синоќа доцна вечерта завршиле на инфективна.
Од инфективната клиника за сител потврдуваат дека во текот на синоќешното дежурство,неколку студенти од студентскиот дом Пелагонија кои пријавиле труење со храна, биле примени на клиниката, им била дадена соодветна терапија, но по прегледот сите биле пуштени на домашно лекување.
Санитарните инспектори денеска во студентскиот дом ја испитуваат храната. Од 600 станари кои ја јаделе вчера послужената храна во Пелагонија, само шест се затруле и според директорот не станува збор ни за 1% од студентите. Но сепак се земаат примероци и ќе треба да се утврди дали студентите се затруле од храната од домот или јаделе нешто надвор.
Ние имаме законска обврска да ги чуваме примероците од храна, затоа денеска дојдоа инспектори и земаа примероци од храната која ја послужуваме на студентите. Додека не завршат испитувањата, не можеме да знаеме дали труењето е предизвикано од нашата храна. Храната ја набавуваме преку јавни набавки, а ја приготвуваме сами, вели директорот Фејзулаху.
Пред нашата камера пак студент којшто престојува во овој дом вели и тој синоќа се отрул, но не јадел ништо друго освен храната во Пелагонија. Други пак велат, немале никаков проблем.
Навистина сме згрозени од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники- реагираат од движењето Студентски отпор.
Прашуваме јавно, ваков ли студентски стандард и студентски оброци ветуваа луѓето од власта или студентите ги гледаат само како пропаганден материјал за користење, како тоа што беше фамозниот ,,ручек со студентите’’ на премиерот?
И од ВМРО-ДПМНЕ труењето со храна го адресираат на владина адреса. Објавувајќи слика од вечерата за студентите ја посочија негрижата за оваа група која како што велат се соочува со недостиг на основните услови за живот.
Додека ние како младина со години предупредуваме на опасноста од негрижата, нехуманите услови и незаинтересираноста на власта кон оваа тема, во студентските домови се нема сменето буквално ништо.- сподели Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.