Проблеми со канализацијата, оштетена опрема и несоодветно користење на заедничките простории се дел од ситуациите со кои се соочило раководството на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, иако објектот неодамна беше реконструиран.

По информациите за запушената канализација поради фрлени влажни марамици, Министерството за образование и наука открива дека биле регистрирани и други инциденти. Меѓу нив се откорнат радијатор, активирање на алармниот систем и паркирање автомобили на зелените површини во дворот на домот.

Од МОН појаснуваат дека алармите се активирале во два случаи – поради оставена храна во вклучена микробранова печка во чајната кујна и поради запалена цигара во студентска соба.

Од Министерството нагласуваат дека дел од недостатоците може да се појават во текот на користењето на објектот, но оти одредени проблеми може да бидат предизвикани и од несовесно однесување на неговите корисници.